Денс Фест е реномиран меѓународен танцов фестивал со традиција од 14 години, кој се
одржува секоја година во последна недела на месец април во Куманово во организација на
Денс Студио МАК и претставува значајна платформа за развој, промоција и афирмација
на современиот танц и кореографска креативност. Фестивалот низ годините израсна во
место за средба на танчери, кореографи и танцови школи, создавајќи сцена каде што во
фокус се идејата, движењето и уметничкиот израз.
Од Денс Фест произлезе идејата за МАК Денс Фест кој премина во нова развојна фаза и
прераснува во натпреварувачки формат, задржувајќи ја својата основна мисија – да го
препознае и поддржи квалитетот и кореографската креативност.
Преку селекција на стручно жири составено од меѓународни и национални судии,
најдобрите 20 кореографии од Мак Денс Фест ќе добијат можност да бидат изведени на
големото финале, кое го носи името Денс Фест.
Мак Денс Фест не е само настан, туку континуиран процес – патување од идеја до сцена,
од креација до признание. Тој е простор каде што младите таленти добиваат видливост,
кореографите – потврда за својата работа, а публиката – врвно танцово искуство.
Овој викенд Куманово ќе биде домаќин на преку 1000 танчери од Македонија, Словенија,
Црна Гора, Косово и Србија, кои ќе земат учество на МАК Денс Фест, на 25.4.2026г во
спортска сала во Куманово со почеток во 10ч. Финалето ќе биде со почеток од 19.30ч.
Организатор на натпреварот е Денс Студио МАК под водство на Мерлин Стојановска и
Тони Стојановски.
Билетите се продаваат на билетара во спортска сала на самиот ден на настанот по цена од
200 ден.
Live. Love. Dance. – бидете дел од енергијата, страста и уметноста што ги спојува
танчерите од целиот свет и доживејте сцена каде што движењето зборува погласно од
зборовите.



















